Ќе донесат ли новите владини одлуки за смрзнување на цените на тестенините и млечните производи нови проблеми за стопанството?

Наместо парцијални, владата треба да носи интегрирани одлуки – eкспертската јавност реагира дека ниту првиот чекор со органичувањето на маржите лани, ниту овие сега со смрзнување на цените нема да ја зауздаат инфлацијата. Универзитетскиот професор Абил Бауш за Сител анализира дека ризикот со смрзнувањето на цените сега е или да снема дел од овие производи, или ако ги има тие да бидат со многу низок квалитет, бидејќи добивката би била мала.

Од млечната индустрија која со новата одлука на владата е директно засегната велат дека ова ќе донесе дополнителни проблеми. Сопственичката на млекарата Марина Манева вели дека оваа мерка ке доведе до неконкрентност на пазарот.

Претходно влада донесе одлука и за смрзнување на цените на белиот и полубелиот леб на 33 денари. По неколкудневен протест на пекарите и мелничарите и празните рафтови во маркетите, сепак лебот се продава онака како што одлучи владата.

Сепак, последните статистички податоци говорат дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство во февруари биле 50.909 денари. Според податоците од синдикалната потрошувачка кошничка, што ја изработува ССМ, најголем дел или 19.379 денари се трошат за храна и пијалоци, а 13.306 денари за комунални трошоци.

Во однос на јануари годинава, синдикалната потрошувачка кошничка е зголемена за 110 денари.