На ниво на банкарскиот систем, просечната камата на сите кредити изнесува 5,70%. Конкретно, каматите на кредитите за корпоративниот сектор, просечно изнесуваат 5,09% а за кредитите на домаќинствата 6,36%. Во споредба со каматниот тренд во минатата година, со поголемо темпо поевтиниле кредитите за фирмите отколку кредитите за население.  Новоодобрените кредити се со пониски камати, кои просечно изнесуваат 4,98%, односно за кредитите одобрени на корпоративниот сектор, каматите изнесуваат 4,56% а за домаќинствата 5,60%.

 

 

 

“Каматната стапка на новите кредити одобрени на корпоративниот сектор во февруари изнесува 4,56%, што во споредба со претходниот месец претставува надолно поместување од 0,40 п.п. Притоа, месечниот пад произлегува од намалувањето на каматните стапки кај денарските кредити без валутна клаузула и кредитите во странска валута (за 0,52 п.п. и 0,22 п.п., соодветно), делумно компензирано со растот на каматната стапка на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,73 п.п.). Споредено на годишна основа, оваа каматна стапка е пониска за 0,55 процентни поени“ – соопштуваат од Народната банка.

 

 

 

За депозитите, на ниво на банкарскиот сектор, просечната камата изнесува 1,50 % и во споредба со февруари 2017 година, кога каматите за штедење изнесувале 1,68%, сега е регистриран тренд на намалување.

 

 

 

Конкретно, каматите за депозитите на корпоративниот сектор изнесуваат 1,72% а за население 1,47%. Каматите за новопримените депозити се на нешто повиоко ниво, од 1,57%.

 

 

“Во февруари, просечната каматна стапка на новопримените депозити од домаќинствата забележа месечен раст од 0,10 п.п. и изнесува 1,71%. Притоа, месечниот раст произлегува од зголемувањето на каматната стапка на депозитите во странска валута (за 0,10 п.п.), при пад на каматните стапки на денарските депозити со и без валутна клаузула (за 0,32 п.п. и 0,02 п.п., соодветно). Во однос на февруари 2017 година, оваа стапка е намалена за 0,13 процентни поени“ – велат од НБРМ.

 

Според последните расположливи податоци покажуваат дека вкупните депозити, во јануари 2018 година, забележале намалување на месечна основа, во еден дел, како што веќе коментираа банкарите за “Фактор“, под влијание на сезонски фактори. Месечното намалување на депозитите од 0,8% е вообичаено за овој месец од годината со оглед на тоа што се забележува и во претходните пет години и следи по нивниот висок раст во претходниот месец од 3,7%. Годишната стапка на раст на вкупните депозити во јануари изнесува 5,3%. На годишна основа пак вкупните кредити во јануари се повисоки за 6,1%, што е повеќе во споредба со проектираниот раст од 6,0% за првиот квартал од 2018 година.

 

 

 

 

Банкарите, преку анкетата што ја проведе НБМ; изјавиле дека со почетокот на оваа година, очекуваат натамошно олеснување на условите за кредитирање, но главно во делот на провизиите поради интербанкарската конкуренција. Клучни фактори од кои зависи  олеснувањето на кредитните услови се конкуренцијата, која има изразено и доминантно влијание врз олабавување на условите за кредитирање. Следуваат конкуренција од други банки, конкуренцијата од небанкарскиот сектор и конкуренцијата од пазарното финансирање. Но, при кредитирање на фирмите, банките и натаму го задржуваат високиот степен на внимателност, пришто и натаму најзначајни параметри остануваат финасиската кондиција на фирмите, но и перспективата на економската гранка, односно на бизнисот на кој припаѓа компанијата која бара кредити.