Во Министерството за финансии денеска се одржа првиот состанок на Комитетот за јавни инвестиции, ново меѓуресорско тело чија цел е да воспостави поорганизиран и посистемски пристап во утврдувањето на приоритетите за финансирање капитални проекти на централно ниво. Со Комитетот претседава министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, а на состанокот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека се воведува нов модел на одлучување, кој треба да ѝ стави крај на досегашната практика на стихијно планирање.

– Со формирањето на Комитетот за јавни инвестиции, државата воспоставува нов, поцврст и поодговорен механизам за одлучување, кој се темели на јасни критериуми и стратегија. Ова е суштинска промена во начинот на кој ја градиме иднината – истакна премиерот, додавајќи дека секој јавен денар мора да носи најголема можна вредност за граѓаните.

Тој нагласи дека инвестициите опфаќаат клучни сектори како што се транспортот, образованието, здравството, енергетиката и дигитализацијата.

– Нашата цел е раст, нови работни места и подобар квалитет на живот. Времето на импровизации заврши, започнува време на систем и резултати – порача Мицкоски.

Министерката за финансии, Димитриеска-Кочоска, истакна дека Комитетот претставува значаен чекор кон поголема транспарентност и подобро управување со јавните инвестиции.

– Со овој нов пристап, воведуваме посистемски, потранспарентен и поорганизиран начин за планирање на капиталните проекти над 5 милиони евра – рече таа.

Според неа, секој проект ќе биде предмет на детална анализа за финансиска одржливост и усогласеност со државните приоритети.

– Целта е да се насочуваат јавните средства кон проекти што носат најголема вредност за граѓаните и економски раст – додаде министерката.

На состанокот беше разгледана првата листа на проектни идеи со проценета вредност од 3,4 милијарди евра, кои ќе бидат основа за утврдување на приоритетната листа на јавни инвестиции. Комитетот ќе се состанува најмалку два пати годишно и претставува дел од пошироката реформска агенда во јавните финансии.