На веб страната „kupuvamdomasno.gov.mk“, 8 дена откако законот ќе се објави во Службен весник ќе бидат објавени имињата на лицата кои ќе добијат државна помош од четвртиот пакет мерки.

По 6.000 денари ќе легнат на трансакциските сметки на пасивните баратели на работа, пензиониерите кои месечно земале пензија до 15 илјади денари, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади од 16 до 29 години кои не добија пари со претходната мерка, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, естрадните уметници, филмските работници, како и на граѓаните кои имаат блокирани сметки.

Предлог текстот на законот, се уште не е ставен на дневен ред за гласање ниту наредната недела, а парите треба да се потрошат до 25-ти декември.

Откако ќе биде изгласан законот ќе бидат избрани банки од кои ќе може да се користат парите и да се отворат сметки, воедно ќе бидат избрани и трговци каде ќе можат да се користат овие средства.

За оваа мерка државата одвои 27 милиони евра.