Продавачите велат дека граѓаните треба да бидат трпеливи зашто пристигнува младиот кромид и само тој може да ја „потоне“ цената на стариот кромид

Цените на кромидот не попуштаат, а вчера на зелените пазари во Скопје 1 килограм се продаваше за 100 денари. Со исто толкава цена можеше да се купи и еден килограм од првите домашни јагоди. Овие податоци ги потврдува и информативниот портал на Министерството за земјоделство, каде што може да се прочита дека овој зеленчук е најскап во Скопје и во Гостивар. Продавачите велат дека граѓаните треба да бидат трпеливи зашто пристигнува младиот кромид и само тој може да ја „потоне“ цената на стариот кромид.

– Само за кромидот зборувате. Цел свет нè разбра дека кај нас кромидот чинел 100 денари, а забораваат дека ќе купиш едно кило и цел месец готвиш со него. Зборувајте за месото, за струјата, за другите цени – вели револтирана продавачка од Зелениот пазар во Скопје.

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека викендов ќе дојде до замрзнување на цените на неколку видови овошје и зеленчук. Влезните параметри за овошјето и зеленчукот од Министерството за земјоделство се веќе во Министерството за економија и се очекуваат уште податоците од Царинската управа.

Претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК) Трајан Ангелоски причината за толкавото поскапување на кромидот ја гледа во големата побарувачка на сметка на понудата.

– Имаме добиено десетина барања од европски компании за откуп на кромид од земјава. Дефинитивно постои недостиг на овој производ на европскиот пазар. Претпоставувам дека тоа е причината за вака високата цена. Ако има поголема побарувачка од понуда, секогаш цените растат – рече неодамна Ангеловски.

Во моментов Холандија е најголем производител на кромид, но во нашите продавници и на пазарите може да се купи и кромид од Египет.