Кина ги претрка Соединетите Американски Држави и сега е најголемиот трговски парнер на стариот континент. На Кина ѝ требаат луксузните европски производи, а на Европа медицинската опрема и електрониката која се произведува во Кина.

Трговската размена меѓу Кина и Европа минатата година изнесувала 790 милијарди долари, додека Европа и САД имале натиго-дајмиго вредно 671 милијарда долари.

Иако кинеската економија закашла во првиот лански квартал, нејзиното фасцинантно економско опоравување подоцна ја пополни дупката и ја разгори побарувачката за европски производи.

Кина беше единствената глобална економска сила која забележа раст во 2020 година, одржувајќи ја побарувачката за европски автомобили и луксузна стока. Од друга страна, кинескиот извоз ја искористи зголемената побарувачка од медицинска опрема и електроника.

Според податоците од Еуростат, зголемената трговска размена значела и зголеемување на европскиот трговски дефицит со Кина кој од 199 милијарди, пораснал на 219 милијарди долари.

За европскиот извоз најголеми пазари остануваат САД и Обединетото кралство но и во двата случаи е регистриран значаен пад. Трансатлантската трговија претрпе штети од реципрочните спорови кои резултираа со „казнени“ тарифи за челикот и производи како што е францускиот коњак и американските моторицикли Харли-Дејвидсон.