Кина е пред западните земји во развојот на новите технологии, со оглед на тоа што имаше предност во дури 37 од 44-те нови технологии, покажа денеска објавеното истражување на Австралискиот институт за стратешка политика (AСПИ), пренесува порталот Каматица.

Институтот соопшти дека истражувал технологии во областа на одбраната, вселената, енергијата и биотехнологијата и дека првите 10 истражувачки институции се наоѓаат во Кина, објави Ројтерс.

Истражувањето покажа дека американската технологија честопати е рангирана на второто место, иако нејзините институти водат глобално истражување во развојот на компјутери со високи перформанси, квантни компјутери, мали сателити и вакцини. Кина покажа неверојатна предност во истражувањето, поради големото влијание и поддршката на владините развојни програми.

„Во изминатите пет години, Кина произведе 48,49 отсто од светските истражувачки работи на напредни авионски мотори, вклучително и хиперсонични авиони“, соопшти австралискиот институт, додавајќи дека Кина е домаќин на седум од 10-те признати институции во светот.