Кинеската економија порасна за 3,9 отсто во третиот квартал на годишна основа, надминувајќи ги очекувањата на пазарот, објави денеска Националното биро за статистика.

Економистите во анкетата на Ројтерс предвидоа раст од 3,4 отсто.

Според првичниот план, податоците требаше да бидат објавени на 18 октомври, но тоа беше одложено без објаснување, јавува ТВ станицата CNN.

Стапката на раст од 3,9 проценти во периодот јули-септември беше значително повисока од 0,4 проценти забележани во вториот квартал, кога кинеската економија беше погодена од широко распространетите мерки за заклучување поради коронавирусот. Растот на Кина се уште е под годишната официјална цел од околу 5,5 отсто, што владата ја постави на почетокот на оваа година.

Референтниот индекс на берзата на Хонг Конг, Ханг Сенг го отвори тргувањето утринава со пад од 4,6 отсто, што е негов најголем дневен пад од март.

Подиндексот на технолошки акции Hand Seng, кој ги следи 30-те најголеми технолошки фирми котирани во Хонг Конг, потона за речиси 6,0 отсто. Најголеми губитници се Alibaba и Tencent со пад од 9,7 односно 7,4 отсто.

Истовремено, индексот Шангај композит на кинескиот пазар на капитал падна за 0,5 отсто.

Технолошкиот индекс Шенжен изгуби 1,2 отсто од својата вредност.

На другите азиски пазари, токискиот Никеи порасна за 1,2 отсто, а јужнокорејскиот Коспи за 1,6 отсто.