Трговскиот суфицит на Кина со светот минатата година достигнал 676,43 милијарди долари, што е највисоко ниво од почетокот на собирањето податоци од средината на минатиот век, покажуваат статистичките податоци. Во првата година од пандемијата, вишокот бил 523,99 милијарди долари.
Кина, исто така, забележала рекорден трговски суфицит од 94,46 милијарди долари во декември, благодарение на силниот извоз и наглото забавување на увозот, се вели во посебен извештај на царинската управа, која почнала да собира податоци во август 1994 година. Во ноември, вишокот бил 71,72 милијарди долари.
Трговскиот суфицит со Соединетите Држави, клучна точка на спорот меѓу двете најголеми светски економии, достигнал 39,23 милијарди долари во декември и дополнително се зголемил во однос на еден месец претходно, на 36,95 милијарди долари.
Извозот во последниот месец од минатата година е зголемен за 20,9 отсто во однос на крајот на 2020 година, по 22 отсто пораст во ноември. Увозот забележал речиси ист процентуален раст, значително послаб од ноември кога скокнал за 31,7 отсто.
Во текот на 2021 година извозот пораснал за 29,9 отсто, по скромниот раст од 3-6 отсто во 2020 година. Увозот пораснал во истиот процент, по падот од 1,1 отсто во првата година од пандемијата, соопштила Царинската управа.
Податоците на царинската управа покажуваат и дека во декември кинескиот увоз на железна руда, клучна суровина во производството на челик, паднал во однос на еден месец претходно поради ограничувањата за производство на челик и падот на изградбата на недвижности.