Кинеските власти ги заострија ограничувањата кои им забрануваат на финансиските институции и платежните компании да пружаат услуги поврзани со криптовалути, што резултираше со нов пад на вредноста на дигиталните валути.

Во споредба со претходните забрани од 2017 година, новите правила го проширија опсегот на забранети услуги, проценувајќи дека „виртуелните валути не се поткрепени со никаква реална вредност”.

Три здруженија од финансиската индустрија во вторникот на своите членки, меѓу кои се банки и интернет компании за плаќања, им порачаа да не нудат никакви услуги поврзани со крипто, како отворање сметки, регистрација, трговија и осигурување.

Новата забрана која ја објави Народната банка на Кина (PBOC), исто така вклучува услуги кои претходно не се спомнати.

Јасно е наведено дека институциите не смеат да прифаќаат криптовалути или да ги користат како средство за плаќање. Исто така, на институциите им е забрането да пружаат и услуги на штедење и издавање на финансиски производи поврзани со криптовалути.

Банките и компаниите кои нудат услуги за плаќања исто така се повикани да го засилат надзорот на паричните текови кои се вклучени во трговијата на криптовалути и поблиску да се координираат во идентификација на ваквите ризици.

Во 2013 година, кинеската влада го дефинираше биткоинот како виртурелна стока и имаше став дека на поединците им е дозволено слободно учество во неговата интернет трговија. Кина не ги признава криптовалутите како законско средство за плаќање, а банкарскиот систем не прифаќа криптовалути.