Кина неочекувано ја намали основната каматна стапка за прв пат по речиси две години, откако официјалните податоци покажаа дека нејзиниот економски раст е забавен. Кинескиот БДП порасна за четири отсто во последните три месеци од 2021 година во споредба со претходната година, соопшти Националното биро за статистика.
Тоа беше подобро отколку што предвидуваа повеќето економисти, но беше многу побавно отколку во претходниот квартал. Друг знак на слабост е растот на продажбата на мало, кој во декември падна на 1,7 отсто, пренесува Би-Би-Си. Кога станува збор за целата година, кинеската економија зајакна за 8,1 отсто, што е значително повеќе од целта на Пекинг од шест отсто.
Дел од економистите посочуваат дека податоците за растот во последниот квартал од минатата година, кој беше најбавен за година и пол, треба да го земат предвид ефектот од последниот бран на инфекција со Ковид-19. За да помогне во зајакнувањето на економијата, Националната банка на Кина соопшти дека ги намалува каматните стапки, за прв пат од април 2020 година.
Народната банка на Кина, исто така, внесе десетици милијарди долари во финансискиот систем, оддалечувајќи се од политиките на повеќето големи централни банки ширум светот, кои ги зголемија каматните стапки или најавија дека ќе го сторат тоа.
Иако кинеската економија минатата година порасна за навидум импресивни 8,1 отсто, ако се земе предвид дека долго време беше блокирана од пандемија во 2020 година, тоа не е толку голем раст. Загрижувачки се помалите инвестиции во секторот за недвижности, поради должничката криза, како и падот на потрошувачката поради блокадата на големите градови поради ширењето на омикронската варијанта на корона вирусот.