Економијата на Кина се намали за првпат од 1992 година во првиот квартал годинава, откако поради коронавирусот беа затворени многу фабрики и бизниси. Втората најголема економија во светот се намали за 6,8%, според официјалните податоци објавени денеска.

Финансиските последици што ги има коронавирусот на кинеската економија предизвикува големи грижи за останатите земји, бидејќи Кина е еден од најголемите производители, но и пазари на стоки и услуги.

„Намалувањето на БДП во периодот јануари-март ќе донесе помали приходи и тоа ќе предизвика пропаѓање на мали компании и загуба на работни места“, вели Јуе Су од „Економист“.

 

Минатата година Кина имаше раст на економијата од 6,4% во првиот квартал и тоа во период кога беше среде трговска војна со САД. Изминатите две децении, Кина имаше просечен раст на БДП на годишно ниво од 9%. Сепак, кинеската економија речиси запре во првите три месеци годинава поради воведувањето на разни ограничувања и карантини за да се запре ширењето на коронавирусот.

 

Како резултат на тоа, економистите очекуваа послаби бројки, но официјалните податоци се малку полоши од очекуваното.