Активноста на фабриките во Кина порасна со најбавно темпо во последните пет месеци во јануари поради новиот бран на епидемија на коронавирусот, но сепак е во согласност со тековното економско закрепнување на втората по големина економија во светот.

Индексот на менаџерите за набавки (PMI) падна на 51,3 поени во јануари од 51,9 поени во декември, објави денес Централното биро за статистика, пренесува Ројтерс.

Овој индикатор остана над границата од 50 поени, што го одделува растот од падот, но е понизок од очекуваните 51,6 поени, како што предвидоа економистите во истражувањето на британската агенција.

„Неодамнешната локализирана епидемија имаше одредено негативно влијание врз производството и работењето на некои компании, а вкупниот раст на преработувачката индустрија забави“, рече Џао Кинге, еден од експертите во Бирото за статистика.

Тој додава дека, покрај тоа, периодот пред и по Лунарната Нова година традиционално е „мртва сезона“ за преработувачката индустрија во земјата.

Официјалниот индекс PMI, кој се фокусира главно на големи и државни компании, покажува дека под-индексот на нови извозни нарачки во јануари изнесуваше 50,2 поени, што сепак укажува на проширување, иако пониско од декемвриското ниво од 51,3 поени.

Под-индексот што ја мери активноста на малите бизниси беше 49,4 поени овој месец, наспроти 48,8 поени во декември.

Бруто домашниот производ на Кина порасна со годишна стапка од 2,3 проценти минатата година, така што Кина е единствената голема економија во светот што избегна пад во 2020 година, за разлика од многу други земји кои беа колена од пандемијата на Ковид-19.

Централната банка има намера да ги прошири мерките за монетарна поддршка во економијата со фокус на максимално вработување за да поттикне зголемено трошење, рече гувернерот Ји Ганг минатата недела.

Во услужниот сектор, деловната активност се зголеми во јануари единаесетти месец по ред, иако со побавно темпо поради новото избувнување на епидемијата, се вели во соопштението на Бирото за статистика.