На автомобилите од кинеските марки отпаѓа речиси една третина од пазарот во Русија, објави Ројтерс. Влијанието на Кина врз руската економија расте во автомобилскиот сектор повеќе отколку во кој бил друг сектор, по егзодусот на западните компании.

Продажбата на нови патнички автомобили и доставни возила во Русија е намалена за 61 проценти во споредба со лани. Санкциите од Западот ја ограничуваат достапноста на одредени материјали во Русија, во време кога побарувачката опаѓа, а цените растат.

Во новонастанатите услови, нагло порасна продажбата на патничките автомобили од кинеските марки, главно Haval, Chery и Geely. Во ноември се продадени 16.138 возила, двојно повеќе отколку во јануари, кога беа регистрирани 8.235 нови автомобили. Пазарниот удел на кинеските марки порасна од 9,6 на 31,3 проценти.

Во ноември на рускиот пазар биле продадени 46.403 патнички автомобили и доставни возила, а вкупната продажба годинава се очекува да достигне околу 600.000 возила.

„Постои мало производство на западни автомобилски марки и мала количина од увоз, така што пазарот го делат руската и кинеската автомобилска индустрија“, кажува рускиот автомобилски аналитичар Владимир Беспалов во изјава за Ројтерс.

Руските автомобили го покриваат делот од пазарот со пониски цени, каде што моделите се движат до 1,5 милион рубљи, додека Кинезите го преземаат делот што им припаѓаше на западните марки, вклучувајќи и модели што се поскапи од 2,5 милиони рубљи.

Кинески автомобили се нудат како руски производ. Модел на кинескиот JAC се ребрендира и се нуди како автомобил што повторно ја заживува марката Moskvich од советската ера. Како што известуваа светските медиуми, при почетокот на производството на новиот модел на Moskvich во минатиот месец во Москва, биле јасно видливи етикетите на бројни делови вградени во возилата.

Од Moskvich единствено соопштија дека соработуваат со странски партнер, но не го посочија неговото име. Исто така од JAC не излегуваат со коментари околу соработката.