Кипарските власти основаат регистер за објавување на вистинските сопственици на илјадници компании регистрирани на островот, кои досега ја имаа привилегијата нивните идентитети да останат тајна

Во следните неколку месеци Кипар планира да постави регистер за да ги идентификува сопствениците на илјадници компании на островот, со што ќе се отстрани превезот на тајност во сложената корпоративна структура за која активистите тврдат дека им дозволува на криминалците да го сокријат пленот.

Деталите за илјадниците компании регистрирани на островот, за кои многумина веруваат дека се поврзани со Русија, ќе почнат да се собираат од 16 март за да бидат внесени во таканаречениот регистар на корисни сопственици.

Поддржувачите на ваквата нова политика тврдат дека регистерот, кој е задолжителен според прописите на Европската Унија против перење пари, може да биде пресвртна точка за Кипар којшто, според активистите за воведување поголема транспарентност, е магнет за оние кои во минатото криеле богатство зад измислени компании.

„Ќе им дадеме на компаниите шест месеци да ги соберат сите детали за влез во системот“, вели Антониа Фаита Ставриде, висок административен службеник во кипарското Министерство за енергија, трговија и индустрија што го координира проектот.

Собирање пари без прашања

Според Ројтерс, експертите предвидуваат дека одредени компании побрзо ќе ја сменат својата јурисдикција и ќе ги преселат компаниите на други локации во светот, наместо да откријат кои се нивните вистински сопственици. Кипар долго време се обидуваше да го сочува својот углед, иако важи за земја која слепо ги зема парите на инвеститорите, без да поставува дополнителни прашања. Доходовната државна програма за издавање пасоши врзани за инвестиции на островот беше ненадејно укината минатата година по извештајот за можна корупција.

Активистите велат дека утврдувањето кој е вистински сопственик на компаниите регистрирани на Кипар ќе биде тешко, како да барате игла во стог сено – следејќи траги од документации низ лавиринти од локални „директори“, за потоа да се внесат податоци од други глобални даночни раеви, пред да се удри во ѕидот на анонимноста. Ваквите измислени компании се „еден од најчесто користените инструменти за перење пари“, вели Маира Мартини, експерт за истражување на протокот на корумпирани пари во „Транспаренси интернешенл“.

Катерина Антониу, директор на одделот за ризик и перење пари во компанијата „Делоит“, констатира дека голем број компании регистрирани на Кипар веќе се преселиле од островот, откако банките воведоа построги контроли во 2020 година. „Регистарот може да предизвика нов бран преместувања, особено за оние правни лица кои сакаат да избегнат објавување на идентитетот на вистинските сопственици“, вели Антониу.

Сè уште недоволно транспарентно

Фаита Ставриде за Ројтерс изјави дека првичниот регистар ќе биде привремена база на податоци, до која, по барање, можат да пристапат само владините агенции. Таа се надева дека конечниот систем, со различни нивоа на можност за пристап, ќе биде достапен „до крајот на годината“.

Некои антикорупционери сметаат дека треба да се стори повеќе. Мартини од „Транспаренси“ вели дека Кипар е далеку зад спроведувањето на регулативите на ЕУ во националното законодавство. „Сè уште нема да биде јавен регистар, што е услов на ниво на ЕУ“, заклучува таа.

Активистите исто така тврдат дека за да биде целосно ефективен, регистарот на корисни сопственици треба да биде поврзан со други бази на податоци, како што е оној за сопственоста на недвижен имот. Нивниот став е дека властите треба да можат да пребаруваат во регистарот доколку е потребно, наместо да упатуваат барања за информации, за потоа да можат да ги интегрираат тие информации со проверка во други бази на податоци.