Пензискиот систем не создава богатство. Тој само го распределува богатството што претходно го создала економијата. Токму затоа стабилноста на пензискиот систем никогаш не може трајно да биде поголема од стабилноста на економијата што го финансира.

Во јавноста речиси секојдневно се расправа за пензиите. Се зборува за нивното зголемување, за дефицитот на Пензискиот и инвалидски фонд (ПИОМ), за улогата на првиот и вториот пензиски столб, за буџетските трансфери и за можните законски измени. Но, зад сите тие расправи останува едно прашање што ретко се поставува, а без чиј одговор не може целосно да се разбере ниту еден пензиски систем: Кој ја полни пензиската каса? Одговорот е едноставен: пензиите не ги создава ниту ПИОМ, ниту државниот буџет, ниту кој било пензиски фонд. Тие се создаваат таму каде што се создава нова вредност – во економијата. Економијата е темелот на секој пензиски систем.

Секој работник, секоја компанија, секој земјоделец, секој претприемач што произведува добра или услуги, придонесува за создавање на бруто-домашниот производ. Од таа новосоздадена вредност произлегуваат платите, придонесите, даноците и јавните приходи. Дури потоа државата ги распределува тие средства за различни јавни потреби, меѓу кои и за исплата на пензиите.

Оттука произлегува една едноставна, но суштинска економска вистина: пензискиот систем не создава богатство. Тој само го распределува богатството што претходно го создала економијата.

Токму затоа стабилноста на пензискиот систем никогаш не може трајно да биде поголема од стабилноста на економијата што го финансира.

Во изминатите децении Македонија се соочува со процеси кои постепено ја ослабуваат таа економска основа. Дел од производствените капацитети исчезнаа, растот на продуктивноста не беше доволен, значителен број млади и квалификувани луѓе ја напуштија државата, а демографските движења доведоа до постојан раст на бројот на пензионери во однос на бројот на активните осигуреници.

Последицата е очигледна: сè помал број вработени треба да обезбедуваат средства за сè поголем број корисници на пензија.

Во такви услови буџетската поддршка на ПИОМ станува сè поголема. Тоа само по себе не е доказ дека пензискиот систем е погрешно поставен. Тоа е предупредување дека економската база од која се финансира системот не расте со динамиката што ја бараат преземените обврски.

Токму тука се отвора едно многу важно прашање. Со години законската рамка овозможуваше да се носат одлуки за зголемување на пензиите без истовремено да се утврдат јасни финансиски граници поврзани со реалниот економски потенцијал и долгорочната одржливост на системот. Кога таквите граници не се однапред дефинирани, разликата меѓу расположливите приходи и преземените законски обврски постепено се покрива со сè поголеми буџетски трансфери. Со тоа дефицитот не исчезнува. Тој само се пренесува од ПИОМ врз државниот буџет, а со тоа и врз сите даночни обврзници.

Оттука произлегува уште една важна поука. Ниту измените во начинот на пресметка на пензиите, ниту промените во првиот или вториот пензиски столб, сами по себе не можат трајно да ја обезбедат стабилноста на системот ако не се зајакне економската основа што го финансира.

Повеќе инвестиции значат повеќе работни места.

Повеќе работни места значат повеќе осигуреници.

Повеќе осигуреници значат повеќе придонеси.

Повисоката продуктивност создава повисоки плати.

Повисоките плати обезбедуваат поголеми приходи и за ПИОМ и за државниот буџет.

Тоа е природниот економски редослед кој не може трајно да се замени со административни или политички одлуки.

Политиката може привремено да ги ублажи последиците преку буџетски интервенции, но не може трајно да ја замени економијата. Секоја обврска што долгорочно не е покриена со новосоздадена вредност, порано или подоцна повторно се враќа како товар врз граѓаните – преку повисоки даноци, нови задолжувања или ограничување на идните јавни расходи.

Затоа идната пензиска реформа не треба да се сведе само на прашањето како ќе се пресметуваат пензиите. Потребно е да се воспостават јасни законски механизми што ќе обезбедат рамнотежа меѓу пензиските права, реалните извори на нивно финансирање и долгорочната одржливост на системот.  Само така пензискиот систем ќе може да обезбеди сигурност и за денешните и за идните пензионери.

На крајот, најважното прашање не е како ќе се покрие следниот дефицит во ПИОМ. Најважното прашање е како да создадеме економија што ќе може стабилно да ги финансира пензиите и по дваесет или триесет години. Зашто пензиите не започнуваат во ПИОМ. Тие започнуваат таму каде што се создава новата вредност – во економијата.

(Авторот е дипломиран економист во пензија)