Германскиот канцелар Олаф Шолц и министерот за финансии Кристијан Линднер го предложија поранешниот член на управниот одбор на Бундесбанк Јоаким Нагел за нов претседател на централната банка.

„Со оглед на ризиците од инфлација, важноста на монетарната политика ориентирана кон стабилност расте. Нагел е личност со големо искуство кој обезбедува континуитет на политиката на Бундесбанка“, објави Линднер на Твитер.

Нагел (55), кој шест години беше член на управниот одбор на Бундесбанк, од вкупно 17 години што ги помина работејќи во таа финансиска институција, ќе го замени претседателот на германската централна банка, Јенс Вајдман.

Тој во октомври најави дека ќе поднесе оставка до крајот на годината од „лични причини“.