Почнаа да функционираат како финансиски друштва за кои довербата беше ниска, имаа мал кредибилитет и најчесто со поврзуваа со балтички капитал. Денес, се борат да го завземат своето место во конкуренција со големите банки и да бидат носители на проектот за финтек организации. Општиот впечаток е дека простор за напредок и освојување на пазар постои и овие друштва имаат соодветна понуда на производи и услуги, но од друга страна се чини дека затаија во процесот на финтек структуирањето. Како и да е, тие се добра дополна на развиениот банкарски сектор и придонесоа за вклучување на голем број поединци во светот на финансиите. Околу трошоците кои ги плаќаат клиентите, изворите на средствата и маркетинг позицијата нема да зборуваме денес, туку ќе ги опфатиме најголемите 7 финансиски друштва (сите кои надминуваат приходи над 1.5 милиони ЕУР во последната календарска година) и преку анализа на нивните финански остварувања ќе се обидеме да ги изнесеме клучните поенти од работењето.

Прв сегмент кој ќе биде анализиран, согласно анализата на Пари и податоците од платформата за бонитетни информации на БизнисМрежа.мк, се вкупно остварените приходи.

Од погоре прикажаната табела во која е изнесена серија на податоци за остварените приходи на финансиските друштва може да се изнесат следните заклучоци:

Суверен лидер на пазарот е ИУТЕ КРЕДИТ остварувајќи вкупни приходи од 7.3 милиони ЕУР за 2020 година. Со тоа, оваа компанија го продолжи трендот на раст на своето портфолио, но сепак со помало темпо во однос на 2019 година. Имено во 2019 остварен е пораст на приходи од 139%, додека во 2020 година ваквиот процент изнесува 46%. Може да се заклучи дека сепак кризата го успори темпото, но не и визијата на компанијата. За големината на компанијата говори и фактот што вкупните приходи на останатите 19 регистрирани финансиски друштва(надвор од оваа табела) е помал од приходот на ИУТЕ КРЕДИТ, односно изнесува 62% од приходот на лидерот.

Колку се промениле работите од 2018 до 2020 година говори фактот што во износот на приходи во 2018 година нема големи отстапки и скоро сите компании имаат приходи во релативно тесен опсег. Таквата ситуација драстично се менува во 2019 година, кога ИУТЕ КРЕДИТ и ТИГО ФАЈНАНС се издвојуваат, додека во 2020 има една супериорна компанија која и неколкукратно има подобри резултати од конкуренцијата.

ТИГО ФАЈНАНС И КРЕДИСИМО се единствени од оваа група кои бележат пад на приходите во 2020 година. Првите за 15%, додека вторите за 13%, но процентуалните вредности не секогаш ја даваат вистинската слика. Преведено во апсолутни бројки, падот кај ТИГО ФАЈНАНС изнесува 795 илјади ЕУР, додека кај КРЕДИСИМО 259 илјади ЕУР.

Кај ТИГО ФАЈНАНС алармантен е податокот за голема флуктуација од причина што во 2019 забележан е пораст на приходи од неверојатни 544%. Дали кризата ги наруши бизнис плановите на компанијата или го достигнаа оптималното ниво на работа, треба да покажат дополнителните анализи.

5 компании остварија пораст на приходите, од кои најзабележителен резултат има кај КРЕДИТЕН ЦЕНТАР БС, со раст од 99%.

За да го комплетираме прилогот за работењето на финансиските друштва ќе изготвиме и анализа за остварените добивки/загуби за изминатите 3 години. Тоа во голема мера ќе ја открие расходната страна на друштвата и ќе даде насоки за иднината на овој сегмент, а целеосната слика ќе се комплетира преку податоците на БизнисМрежа.мк за бројот на вработени, кој ќе видиме дали корелира со технолошката инвентивност, за која се залагаат овие компании.