За набавките на природен гас за јануари и за февруари државата потпиша дека плати или ќе плати три милиони евра повеќе од берзанската цена на гасот за овие два месеца. Надлежните органи не покренаа никаква постапка за одговорност за веќе завршената и платена набавка за јануари, а очигледно тоа нема да го направи ни за февруари.

Одговорните лица на ЕСМ и во јануари и во февруари тврдоглаво останаа на ставот дека јавната набавка на гасот треба да се спроведе според принципот фиксна цена. Во јануари разликата од понудената фиксна цена од бугарската компанија „Балкан јутилитис“ и берзанската цена (сите прогнози беа дека цената на гасот ќе паѓа, што се потврди и во февруари) државната компанија ја чинеше нешто повеќе од еден милион евра.

Политиката на купување природен гас по фиксна цена продолжи и за февруари и покрај тоа што економските експерти прогнозираа дека државата ќе плаќа повеќе од потребното, ако се знае дека изминативе недели со енергенсот се тргува со суми што се најниски од почетокот на војната во Украина.

И првиот човек на ЕСМ Васко Ковачевски призна дека Македонија купува гас поскап од тој што се продава на берзите.

„Во моментот, да, се согласувам дека е пониска цената на берзата и има тенденција на паѓање, но да не заборавиме дека на берзите се случуваат преку ноќ енормни скокови на цената на природен гас. Ние тука сме заштитени, како државна компанија, не можеме да останеме отворени на пазарот и цената која ја плаќаат граѓаните во услови на криза некогаш да ја плаќаат енормно повисоко од тоа што треба“, изјави неодамна Ковачевски.

Во јануари тој вишок беше речиси 1,1 милион евра. Пресметката за февруари покажува дека за 28 дена, при нормална потрошувачка од 2.200 мегават часови, разликата меѓу берзанската и договорената цена изнесува 1.706.936 евра/мегават час. Или при евентуална максимална потрошувачка од 3.500 мегават часови разликата би изнесувала дури и 2.715.580 евра/мегават час.

Деновиве гасот на берзите се продава за 60 евра за мегават-час и таа цена се намалува, а ЕСМ продажба за февруари потпиша договор по фиксна цена од 98 евра за мегават час, или дури за 60 отсто поскапо.

Вчера „Макпетрол“ соопшти дека нивната цена за февруари ќе биде пониска од таа за јануари. „Согласно договорот помеѓу „Макпетрол“ АД Скопје и „Гаспром експорт“, како и движењето на цената на природниот гас на светските берзи, известуваме дека цената на природниот гас за месец февруари ќе се намали за 40% за мегават час, во однос на цената за месец јануари оваа година“, се вели во соопштението на „Макпетрол“.

Останува да виси главното прашање – кој ќе одговара за злоупотреба на службената положба и овластувања?