Од 1 јули секое домаќинство ќе може да стави фотоволтаици и да произведува струја, а вишоците да ги продава на пазарот. Според експертите ова е добар чекор на Владата, бидејќи во екот на енергетската криза и енормниот раст на цените на струјата се овозможува поголемо производство на струја, но треба да има во предвид дека освен парите за инвестицијата треба да собере куп документи. Со оглед на тоа дека се работи за долга и сложена процедура, според нивните прогнози тешко дека од есен ќе може да почне производството на струја од фотоволтаици.

Со зголемениот интерес на компаниите и на граѓаните за инвестирање во фотоволтаици се отворија многу прашања од аспект на постапката за реализација на целокупната процедура. Познавачите велат дека потребно е да се извади решение од Општината, под услов објектот да е запишан во катастар, да е изваден имотен лист и да има проект за статика на покривната конструкција, бидејќи се става дополнителна тежина на покривот. Да се направи проект за електрика на фотоволтаичната електрана. Сите горенаведени документи со доставуваат до Општината за добивање решение за поставување опрема на покрив. Пријава во „ЕВН дистрибуција“ за добивање точка на приклучок за произведената електрична енергија. Склучување договор со снабдувачот кој ќе го преземе вишокот произведена електрична енергија….

– Секој граѓанин кој сака да постави фотоволтаик на својот покрив треба да има предвид дека потребни се куп документи и постапката е долга. Се сомневам дека до есен ќе може да почне производството на струја од фотоволтаици. Треба да се извршат измени во Законот за градење, таа процедура ќе оди преку Собрание и ќе трае повеќе од еден месец. Но, може да се донесе одредба со која може да се забрза целата постапка. ЕВН Хоум може да ги прима документите за да може државата да ќари, бидејќи ќе го презема вишокот по поевтина цена отколку на берза, вели за ВЕЧЕР, универзитетскиот професор Константин Димитров.
Одлуката, како што вели, им овозможува на компаниите и домаќинствата да склучат договор за снабдување и предавање на вишокот на произведена електрична енергија со кој било снабдувач со електрична енергија, вклучително и со универзалниот снабдувач. Тоа досега не беше возможно, односно ако едно домаќинство кое се снабдуваше од универзалниот снабдувач сакаше да стане потрошувач-производител мораше да го раскине договорот со универзалниот снабдувач и да склучи договор со друг снабдувач.

За шесткиловатeн соларен систем, едно домаќинство треба да инвестира од три до четири илјади евра, а инвестицијата се враќа за околу седум години. Додека, пак, на една компанија за да инсталира соларен систем од 20 киловати ѝ се потребни 14.000 евра.

Сепак експертите се согласни дека новата регуатива ќе им овозможи на домаќинства и компаниите да произведуваат електрична енергија и да си ги намалат сметките за струја. Обврска на ЕВН хоум е да ја преземе произведената струја од фотоволтаици и на секои шест месеци ќе треба да се направат дополнителни фактури каде што ќе им се намалат сметките за струја или ќе им се плати за произведената струја од сонцето.

-Има огромен интерес за фотоволтаици. До Стопанската комора за енергетика дневно стигаат повеќе од 10 барања за изработка на проектна документација за инсталирање соларни системи, за разлика од порано кога имало само по две-три барања годишно. Поради зголемената цена на струјата, инсталацијата на соларни панели е поисплатлива од порано. Меѓутоа треба да се знае дека максимум со фотоволтаици можат да се покријат 30 отсто од потребите на државата, бидејќи, во спротивно, ќе настане дисбаланс. Електричната енергија произведена од фотоволтаици треба да се балансира, што значи дека за секој киловат час произведена електрична енергија од фотоволтаици е потребна резерва од три киловати произведени од хидро, гас, јаглен… вели енергетскиот експерт Горѓи Манасков.
И тој вели дека постапката за поставување на фотоволтаици е долга и треба до 6 месеци додека да се добијат сите потребни документи и да се реализира инвестицијата.

Според проценките од власта до крајот на годината ќе имаме 150-170 киловат-часови инсталирана моќност од фотоволтаиците од домаќинствата и компаниите.