Движењето Антикоцкање и понатаму бара оддалечување на игрите на среќа од градинки, универзитети и верски објекти, како што и претходно бараа, на три километри од населените места. Велат дека тоа што Владата го изготви предлог-законот со кој се предвидува оддалечување на објекти со игри на среќа 500 метри, значи дека работите се мрднале од мртвата точка.

– Некои работи почнаа да се движат од нулта точка. Но, со овој Предлог закон се овозможува казината и обложувалниците да се доближат до универзитетите. Во Предлог закон не е споменато оддалечување од универзитетите. Се прашуваме каде останаа градинките, каде останаа јавните институции. Ова барање е пред седум години, два амандмани дадовме, едно време се согласија, да нема игри на среќа и пред верски објекти, центарот на градот, градинки и сите други институции, ние повторуваме дека треба да се внесат и тие објекти. Да не се дозволи и на тие објекти да им се приближат – истакна Џемал Абдиу од Движењето Антикоцкање.

Тие порачаа дека државата и институциите се тие кои не треба да дозволат да има нелегално коцкање и обложување доколку има затворање на објекти, како што алармираат од Ссоцијацијата на приредувачи и здруженијата на вработени во игри за среќа.

– Прв пат ние да сме на иста бранова должина со нив, но со дијаметрално спротивни ставови.Тие незадоволни, ние незадоволни, меѓутоа ние на граѓаните им викаме и ги учиме дека животот не е коцка, не се работи за 10 илјади вработени, туку за стотина илјади невработени и затоа е мал проблем бидејќи бараме како во Косово и Албанија, истите ќе бидат преместени на други работни места – вели Џемал Абдиу.

Јуши Емурлаи вели дека државата треба да размисли за сивата економија, бидејќи тоа спаѓа во закана за држава. – Ако е „сива државата“ тогаш може да функционира и сивата економија и казината и спортските обложувалници – рече Емурлаи.