За 30 години, повеќето од најголемите економии во светот ќе бидат оние што се развиваат денес.

Тие во иднина би можеле да ги надминат големите сили како САД, Јапонија и Германија.

Брегзит, пандемијата и трговските тешкотии донесоа економски пад, но и покрај овие предизвици, се предвидува светската економија да расте со брзо темпо во следните неколку децении. Всушност, се предвидува дека глобалниот пазар ќе се удвои до 2050 година, иако Обединетите нации (ООН) предвидуваат дека светската популација ќе порасне за само скромни 26 проценти, пишува Би-Би-Си, пренесува порталот Кликс.

Овој раст ќе донесе со себе многу промени. Иако е предизвик да се предвиди како ќе се одвиваат работите во иднина, повеќето економисти се согласуваат за една работа – денешните пазари во развој ќе бидат утрешните економски суперсили.

Според извештајот на една од најголемите меѓународни сметководствени компании во светот, PwC, списокот на светски економски сили во 2050 година ќе изгледа вака:

1. Кина
2. Индија
3. САД
4. Индонезија
5. Бразил
6. Русија
7. Мексико
9. Германија
10. Обединетото Кралство

Дури и релативно малите економии како што се економиите на Виетнам, Филипини и Нигерија ќе забележат големи скокови на рангирањето во следните три децении, според извештајот на PwC.

Кина, која е на првото место, веќе може да се пофали со водечката светска економија во однос на куповната моќ на своето население. Кина забележа значителни економски придобивки во текот на изминатата деценија, а економистите предвидуваат дека реалниот раст се очекува само во следните децении.

Индија, втора најнаселена земја во светот, се очекува да забележи силен раст во следните три децении, со просечен раст на БДП од пет проценти годишно, што ја прави една од најбрзо растечките економии во светот. До 2050 година, Индија се предвидува да биде втора по големина економија во светот и ќе учествува со 15 проценти во вкупниот светски БДП.

Голем скок во следните три децении може да забележи Мексико, кое треба да биде на седмото место, наместо сегашното 11-то место на скалата. Најголема заслуга за овој раст се припишува на зголемувањето на производството и извозот во Мексико.