Помеѓу првиот квартал од 2021-ва година и соодветниот период од 2022-ва година, професијата што забележа најостро процентуално зголемување на вработеноста во Европската унија беше асистентите за подготовка на храна.

Растот е 25,1% на годишна основа, што е скок од 1,1 милиони на речиси 1,4 милиони луѓе. Ова го покажуваат податоците на Евростат.

Втор најголем пораст – со 15,6% – има во групата работници за лична услуга, која опфаќа голем број занимања – придружници, кондуктери, водичи, готвачи, келнери и шанкери, фризери, козметичари, градежници и надзорници во домаќинствата.

Во првиот квартал од 2022-ра година, оваа професионална група имаше 7,6 милиони претставници во ЕУ.

Професионалците за информатичка и комуникациска технологија се рангирани на третото место во групата на најбарани професии, со 9,6% пораст од првиот квартал на 2021-ва година. На годишна основа, оваа група, која вклучува програмери на софтвер и апликации, исто така како аналитичари и специјалисти за бази на податоци и мрежи, се зголеми од 4,1 на 4,5 милиони луѓе.

Постојат две други професионални групи со повеќе од 9% зголемување на бројот на работници помеѓу март 2021-ва и март 2022-ва година – правни, социјални, културни и поврзани стручни лица (за 9,4%), како и менаџери во угостителството, малопродажбата и други услуги (со 9,1%).

Во првиот квартал од 2022-ра година, овие групи бројат 3,5 и 2,4 милиони работници, соодветно.

Следни на листата на водечки занимања со најостар процентуален пораст на бројот на вработени се професионалците од бизнисот и администрацијата (со 7,4%), занаетчиите и печатарите (со 6,7%), информатичките и комуникациските техничари (со 5,9%), научните работници и инженери (со 5,7%) и менаџери за производство и специјализирани услуги (со 5,3%).

Спротивно на тоа, бројот на луѓе вработени во земјоделството, шумарството и рибарството забележа најзначајно намалување во ЕУ за 12,6% помеѓу првиот квартал од 2021-ва година и соодветниот период од 2022-ра година.

Податоците на Евростат, исто така, покажуваат дека во првите три месеци од оваа година, 3,6 милиони невработени лица во ЕУ (што претставува 25,2% од сите невработени во четвртиот квартал од 2021-ва година) нашле работа. Во овој период, 7,2 милиони Европејци останаа невработени, а 3,3 милиони ја напуштија работната сила и паднаа во економска неактивност.

Од сите вработени во четвртиот квартал од 2021-ва година, 2,3 милиони (1,2%) станале невработени во првиот квартал од 2022-ра година, а 4,7 милиони (2,4%) ја напуштиле работната сила.

Во исто време, стапката на вработеност во ЕУ за лицата на возраст од 20 до 64 години изнесуваше 74,5% во првиот квартал од 2022-ра година, што претставува зголемување од 0,5 процентни поени во однос на четвртиот квартал од 2021-ва година.