Владата продолжува со трендот на намалување, односно замрзнување на цените на производите за секојдневна употреба.

По цената на лебот, потоа на млекото и млечните производите, тестенините, јајцата и оризот, па и на хигиенските производи, денес на ред дојдоа и цените на овошјето и зеленчукот.

Ваквите потези на владата наидоа на одобрување од страна на граѓаните, но и на стравување кај производителите.

Но колку во реалноста се заштедува при вакво замрзнување на максималните цени на основните продукти?

Ако за пример земеме едно четиричлено семејство, на месечно ниво има солидно намалување на трошоците за живот.

Лебот со замрзната цена изнесува 33 денари, што е за десет денари поевтино од претходно. Ако едно семејство секој ден купува по два леба, тогаш за еден месец или за 30 дена, се заштедуваат 600 денари само за леб.

Цената на литар млеко во просек се намалува за осум денари, и исто толку е намалена цената на литар јогурт, па ако истото семејство секој ден купува по едно млеко и еден јогурт на крајот на месецот заштедува дополнителни 480 денари.

За околу 20 денари е намалена цената на маслото за готвење, а меѓу 40 и 50 денари сега се поевтини сирењето и кашкавалот, па ако едно семејство купи неколку вакви продукти во месецот, тогаш тоа заштедува дополнителни 300 до 400 денари.

Само со набавка на овие производи едно просечна семејство заштедува околу 2.000 денари месечно, а кога тука ќе се додадат ограничените цени на јајцата, оризот и од сега и на зеленчукот и овошјето, заштедата сигурно ќе биде уште поголема.

Сепак, колку навистина замрзнувањето на цените дало резултат во реалност, ќе знаеме кога ќе излезат и официјалните податоци од Државниот завод за статистика.