Вкупната вредност на трансакциите со домашните и странските платежните картички, од аспект на локацијата на уредите (во земјата и странство) во 2017 година изнесуваше 213 милијарди денари, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Притоа, домашните и странските платежни картички на уредите лоцирани во земјата најмногу се користеле за повлекување готовина (со учество од 69% и 60%, соодветно). Понатаму, резидентите оствариле 26% од вредноста на трансакциите на физичките места на продажба во земјата, 4% за депонирање на готовина на банкомати, а само 1% за плаќања преку интернет (виртуелни места на продажба).

Просечната вредност на трансакцијата на физичките места на продажба во земјата во 2017 година за резидентните картички изнесува 914 денари, додека, пак, за нерезидентните картички изнесува 2.556 денари.

 

Сепак, во споредба со остварувањата кај истите категории за 2016 година, кај вредноста на трансакциите се забележува намалено структурно учество на употребата на платежните картички од страна на резидентите за повлекување готовина на банкомати, во корист на зголемување на употребата на платежните картички на физичките места на продажба (за 3 п.п).

Слични се промените и кај нерезидентите кои ги користеле странските платежни картички на домашните уреди, при што оствариле 39% од вредноста на трансакциите на физичките места на продажба, 60% за повлекување на готовина на банкомати и 1% за плаќања преку интернет, во споредба со 2016 година, кога процентуалното учество изнесуваше 37%, 62% и 1%, соодветно.

Истовремено, резидентите ги користеле релативно повеќе домашните платежни картички на уреди во странство за трансакции на физичките места на продажба (55% во 2017 година наспроти 52% во 2016 година), за сметка на релативното намалување на повлекувањето готовина за 2 п.п., како и намалувањето на плаќањата преку интернет за 1 п.п.

Просечната вредност на трансакција на физичките места на продажба и виртуелните места на продажба со резидентни картички во странство изнесува 2.549 и 1.991 денар, соодветно (наспроти просечна вредност од 914 денари на трансакција на домашните физички места на продажба).