На прагот на Новата година, кога си посакуваме најубави желби и кога децата со нетрпение ги очекуваат своите подароци, вработените и синдикалната организација на Комерцијална банка повторно се погрижија да им ја разубават празничната атмосфера на стотици семејства, пред сѐ од социјално ранливи категории, изненадувајќи ги со 440 новогодишни пакетчиња за нивните дечиња.

Овој декември на подароците им се израдуваа децата од Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари во Скопје, Здружението на самохрани родители Надеж од Неготино, ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци од Скопје и од семејствата кои ги добија пакетчињата преку Црвениот крст на Град Скопје. Срцата особено ни ги стоплија изненадувањето и нескриената радост од добиените пакетчиња на „уличните продавачи“ од проектот Лице в Лице и на дечињата хоспитализирани во Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле (Ковид центар).

Синдикалната организација на Банката донираше 60 новогодишни пакетчиња за деца од згрижувачки семејства и деца без родители. Донацијата беше предадена во координација со Министерството за труд и социјална политика и со СОС Детско село – Сингелиќ.