За побарување од 7,3 милиони евра кон „Гофи“, поврзана со семејството на бизнисменот Трифун Костовски, Комерцијална банка АД Скопје активирала хипотека за два објекти. Притоа, меѓу нив не е објектот каде беше сместена пропаднатата „Еуростандар банка“, туку се работи за објектите познати како „Поштенска банка“ на ул. Никола Кљусев бр.6, а вториот објект е т.н. „Палата Македонија“ на улица Македонија, во строгиот центарот на Скопје, пренесува Фокус.

Комерцијална банка АД Скопје веќе се стекна со сопственост врз зградата на „Поштенска банка“ и води постапка за извршување на хипотека врз уште еден објект познат како „Палата Македонија“, кои беа во сопственост на семејната компанија на бизнисменот Трифун Костовски – „Гофи“, еден од акционерите на веќе пропаднатата „Еуростандард банка“.

Според информациите што ги добивме од Комерцијална банка АД Скопје, тие имале побарување од „Гофи“ во износ од 7,3 милиони евра за кредити обезбедени со хипотеки – недвижен имот, одобрени во 2015, 2017 и 2018 година, пред отварањето на стечјаната постапка, пренесуваат од Фокус.

„Со оглед на тоа што „Гофи“ од крајот на минатата година престана да ги измирува обврските кон „Комерцијална банка“, а Банката трпеше и други трошоци поради резервации на овие кредити, во април 2021 година Комерцијална банка АД Скопје покрена постапка за извршување пред надлежен извршител со барање за продажба на недвижностите кои беа под хипотека“, велат од Комерцијална банка.