Комерцијална банка произведе 100 MWh електрична енергија со сопствен фотоволтаичен систем, со што за три години спречи емисија на 56 тони CO2 во атмосферата. Со овој „зелен“ проект Банката дава свој значаен придонес во заштитата на животната средина, што претставува императив на гобално ниво и како таков е дел од стратегијата за општествена одговорност на Комерцијална банка.

Фотоволтаичниот систем за производство на електрична енергија е инсталиран во декември 2018 година на површина од 130 м2 на покривот на деловниот објект на Комерцијална банка во центарот на Скопје. Годишно овој систем произведува 33 MWh електрична енергија и заштедува 18,7 тони CO2, кои би завршиле во атмосферата доколку оваа количина на електрична енергија се произведува од термоцентрала, а дополнително ја штити животната средина и од загадување со ПМ честици, сулфурен-диоксид и чад. Оваа „зелена“ заштеда е еквивалентна на засадување 480 дрвја годишно, колку што се потребни за да апсорбираат 18,7 тони CO2 од атмосферата.
Банката најавува нови инвестиции во сопствено производство на електрична енергија во најскоро време, со цел да даде уште поголем придонес во справувањето со предизвиците на иднината, меѓу кои спасот на планетата Земја е еден од најголемите и најважните.