Комерцијална банка, како банка со врвна корпоративна култура и одговорно деловно работење, е првата компанија во земјава која своето корпоративно управување го усогласи со најновиот Кодекс за корпоративно управување на котираните акционерски друштва на Македонската берза. Прашалниците за усогласеност со Кодексот се објавени на веб-страната на Банката.

Новите трендови во финансискиот свет наметнуваат иновации во понудата и интеракцијата со клиентите преку напредна дигитална технологија, но во исто време и потреба од континуирано унапредување на управувачките и организационите процеси во корпоративниот свет. Ценејќи дека следењето на најдобрите меѓународни практики е еден од начините кој може да придонесе не само за успешни финансиски резултати, туку и за засилување на репутацијата и партнерскиот однос со клиентите, акционерите и инвеститорите, Комерцијална банка одлучи веднаш да го усвои Кодексот како уште еден механизам што обезбедува добро корпоративно управување.

Очекувањата на Банката се следењето на Кодексот да придонесе за уште посилни и понапредни деловни процеси, особено што потребата од следење нови и напредни стандарди е неминовна во определбата на Комерцијална банка успешно да се носи со предизвиците на новото време. А, тие веќе се многу покомплексни бидејќи покрај професионално работење, бараат и силна општествена одговорност, корпоративна култура и етички однос.