Во нашата држава готовинските трансакции сѐ уште заземаат значаен дел од платниот промет и покрај сите воведени можности за безготовински плаќања, велат од Комерцијална банка

Комерцијална банка вели дека со промена на провизии за повлекување на пари од шалтерите на банката сака да влијае да се намали бројот на готовински трансакции и да го стимулира безготовинскиот начин на плаќање.

Банката вчера испрати СМС до граѓаните за да ги извести дека од 20.12.2022 година исплататата на готовина од шалтерите ќе биде 0,1 процент од поединечен налог, но минимум 30 денари, а максимум 500 денари. Сега,за подигање на готовина од шалтерите на банката за налог до 60.000 денари, провизијата е 30 денари, а за налог над 60.001 денари, провизијата е 60 денари.

– Сведоци сме на трендот во држави од ЕУ кои целосно ја исфрлаат готовината од употреба, при што главни причини за тоа се високите трошоци и ризици од работење со готовина. Но, во нашата држава готовинските трансакции сѐ уште заземаат значаен дел од платниот промет и покрај сите воведени можности за безготовински плаќања. Веројатно е потребно уште време за земјава да го достигне трендот од развиените земји, при што еден од најважните фактори во тој процес е промена на навиките на сите учесници во плаќањата, односно купувачите, продавачите и носителите на платниот промет –изјавија од Комерцијална банка за „Слободен печат“

Оттаму потенцираат дека и сега корисниците на социјална помош и на надоместок за технолошки вишок, ако подигаат пари од трансакциска сметка плаќаат по 30 денари и дека таа сума ќе остане непроменета и со новите измени на провизиите.

– Согласно јавно објавената тарифа на Банката, која важи во моментот, надоместокот за налог до 60.000 денари при исплата во готово на физичко лице на шалтерите на Банката изнесува 30 денари по поединечен налог, кој важи и за исплата во готово од шалтерите на Банката за пензионери, корисници на социјална помош и технолошки вишок. Имајќи предвид дека износот на социјална помош не го надминува наведениот износ на готовински исплати, за корисниците на социјална помош нема да се наплаќа различна провизија од досегашната при подигнување на социјалната помош во готовина од шалтерите на банката – велат од Банката.

Оттаму потенцираат и дека Комерцијална банка вложува многу ресурси и време во развој на сите канали кои овозможуваат безготовински плаќања, како што се картично работење, електронска банка, мобилна банка, дигитални кисоци и слично. Овие канали овозможуваат вршење на плаќања без надомест или со понизок надомест отколку на шалтер.

– Исто така, Банката има развиена мрежа на банкомати, кои овозможуваат бесплатно подигнување готовина во денари, а денарите се платежна валута во нашата држава. Во таа насока се најавените надоместоци за готовински трансакции. Притоа, сите надоместоци се објавени на веб-страната на Банката, како за готовински, така и за безготовински трансакции. Нашата анализа на домашниот банкарски пазар покажа дека воведувањето и зголемувањето на надоместоциите не е новина и е веќе пракса кај повеќето банки во земјава- изјавија од Комерцијална банка.