Комерцијална банка го има убедливо најдоброто полугодие во својата корпоративна историја. Најголемата домашно поседувана банка, која воедно и најголема банка според активата, за првите шест месеци годинава книжи добивка од 18,33 милиони евра што е за фантастични 36 отсто подобар резултат во споредба со истиот период лани, покажуваат објавените официјални податоци од неконсолидираниот биланс на успех. Oваа банка просечно дневно има профит од 101.830 евра за периодот од првите шест месеци годинава.

Најголемата приходна ставка на Комерцијална банка останува најкласичната банкарска алатка – нето приходите од камати. За првите шест месеци, во острата конкуренција на другите големи и средни банки, Комерцијална банка ги зголемила за 12,5 отсто нето приходите од камати и тие достигнале 21,6 милиони евра.

Втората најголема приходна ставка остануваат нето приходите од провизии и надоместоци. Тие достигнаа 8,35 милиони евра или 385.000 евра повеќе од истито период лани. Ова укажува на заклучок дека банката ја одржува својата база клиенти без да наметне големи давачки што е случај кај некои други банки кои одат на карта да зголемат провизии и надоместоци при тоа нудејќи други врзани поволности.

Банката за овие шест месеци има 2,2 милиони евра од курсни разлики. Иако е мала ставка многу е важно тоа што растот на приходите по оваа основа е зголемен за 50 отсто.  

Овој период банката бележи пад на останати приходи од дејноста. Тие изнесуваат 8,6 милиони евра односно 2 милиони евра помалку од лани.

Трошоците на банката за резервации на кредитни пласмани се преполовени во однос на истиот период лани. За првите шест месеци тие изнесуваат 6,1 милиони евра, безмалку на половина од истиот период лани кога беа над 11,4 милиони евра.  Кај билансот на успех вреди да се истакне дека останатите расходи од дејноста 7,1 милиони евра и се зголемени за 1,25 милиони евра.

Од билансот на состојба истакнуваме раст на кредитирањето за 73 милиони евра до 943,8 милиони евра на крај на јуни годинава. Стагнација на вложувања во хратии од вредност (читај кревање „рачна“ за кредитирање на државата н.з.) затоа што вложувањата во државни хартии од вредност се на ниво од 470 милиони евра што е речиси идентично како истиот период лани.

Депозитната база на банката речиси да е идентична како и на крај на 2021 година и изнесува 2,13 милијарди евра.