Во услови на пандемија од вирусот Covid-19 и ограничен пристап на учениците до наставните процеси, Комерцијална банка успеа на 500 средношколци од СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ од Скопје да им пренесе практични вештини и знаење на теми од суштинско значење за нивното образование, идно вработување и градење здрави финансиски навики.

Преку онлајн предавања, заради почитување на здравствените протоколи, вработени од Банката на ученици од прва година од насоките Економски/Правен техничар и Економија, право и трговија им споделија значајни и корисни содржини на следниве теми:

– Финансиска писменост и финансиско штедење

– Комуникации при барање работа и интервју за работа

– Комуницирање во правен субјект (состаноци, преговарање и интерна комуникација во компанијата)

– Кодекс на однесување во компанија и деловен бонтон

Комерцијална банка со овој проект продолжува со својата општествено одговорна мисија и придонес за поквалитетно образование, а го даде и својот придонес во одбележувањето на Деновите на финансиска писменост.

„Штедењето беше првата тема на овој серијал. Јасно е дека штедењето придонесува за стабилен економски и културен развој. Неизвесноста што ја носи иднината е причина плус за постојано потенцирање на принципите на економичност и рационалност во носење на одлуките. Идејата е оваа матрица да ја всадиме кај секого уште од мали нозе. Ваквиот системски пристап ќе даде резултат на долг рок во сите делови на живеењето и на сите нивоа на државата. Сериозен, индивидуален и институционален, пристап кон културата на штедење ќе ја зголеми благосостојбата на секој поединец и на општеството во целост“, изјави Љупчо Котевски, директор на Дирекцијата за депозитно работење.

Предавањата беа во рамките на Програмата на училиштето за феријална практика, која пак е задолжителен елемент од наставниот курикулум во дуалното стручно образование. Таа дава можност сите ученици кои ја следат да се запознаат и да стекнат знаења и вештини во одредено подрачје, директно пренесени од работодавец.

„Соработката со Комерцијална банка започна во октомври – месец на штедењето. Целта беше учениците од нашето училиште да бидат запознаени со финансиското штедење и писменост од страна на еден од главните столбови на финансиското работење во Република Северна Македонија. Таа соработка прерасна во процес на реализација на феријалната практика, за првпат онлајн, почитувајќи ги здравствените протоколи и здравјето на учесниците. Горди сме и благодарни што соработуваме со вистински професионалци во својата област, кои несебично се заложуваат за унапредување на знаењата и вештините на нашите ученици, мотивирајќи ги во иднина да се вклучат на пазарот на трудот и да бидат дел од успехот на секоја компанија“, вели директорката на СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“, м-р Тања Јовановска.

Основна карактеристика на феријалната практика е во текот на нејзината реализација учениците да градат ставови и да размислуваат за својот личен и кариерен развој во вистински работни услови.