Во текот на вчерашниот ден во четири блок трансакции вредни 24,2 милиони денари  на Македонската берза се продадоа над 4.600 акции од Комерцијална банка АД Скопје со што продолжи низата продажби на блокови акции од банката што трае веќе подолг период.

 

 

 

Банката вчера преку Македонската берза информира дека на 09.05.2018 година преку системски блок трансакции беа истргувани вкупно 52.189 акции на банката и дека купувач на акциите е правното лице „Адора Инженеринг“ ДООЕЛ Експорт-Импорт Скопје кое со оваа трансакција го надмина прагот од 5% од вкупно издадените акции на Комерцијална банка АД Скопје. Заклучно со 10.05.2018 година оваа градежна компанија има 7,19% во основната главнина на Комерцијална банка АД Скопје.

Мултимилионски продажби на големи пакети акции, прегрупирања на големи акционери и оставки се случуваат во Комерцијална банка во изминатиов период, што наведува на тоа дека далеку од очите на јавноста нешто крупно се случува во една од најуспешните банки во Македонија.