На 13 март 2018 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија, при што беше заклучено дека економските основи и натаму се здрави, без присуство на нерамнотежи. Воедно, беше утврдено понатамошно стабилизирање на довербата и очекувањата на економските субјекти, видливо преку поволните движења на девизниот пазар и постепеното забрзување на депозитниот раст. Истовремено, последните оцени за растот на клучните трговски партнери посочуваат на подобро надворешно окружување од очекуваното досега и со тоа подобар амбиент и помали ризици за домашната економија. Во вакви околности, Комитетот оцени дека постои простор за олабавување на монетарната политика, при што на седницата беше одлучено каматната стапка на благајнички записи да се намали од 3,25% на 3,00%, а на аукцијата којашто ќе се одржи на 14 март понудата на благајнички записи да биде непроменета и да изнесува 25 милијарди денари.

Воедно, на седницата се одлучи да се намалат каматните стапки на расположливите депозити на 7 дена и преку ноќ, за 0,20 и 0,10 п.п., на ниво од 0,3% и 0,15%, соодветно. Имено, со оглед на релативно високото ниво на слободни парични средства на банките, коешто во голем дел е насочувано кон расположливите депозити кај Народната банка, преку намалување на  каматните стапки на овие инструменти се очекува дека банките ќе ги насочат своите слободни ликвидни средства во приватниот сектор и со тоа ќе овозможат посилна кредитна поддршка на економијата во 2018 година.

Споредбата на последните макроекономски показатели за домашната економија со нивната проектирана динамика во рамки на октомврискиот циклус проекции минатата година, главно не упатува на позначителни отстапувања во одделните сегменти.

Во однос на активноста во економијата, податоците за БДП за 2017 година покажуваат стагнација, главно заради падот на инвестициите, а овие остварувања не отстапуваат значително од проектираниот раст од 0,5%. Притоа, по падот во првата половина од годината, во согласност со очекувањата, во втората половина на годината економијата забележа раст. За првиот квартал од 2018 година достапни се мал број високофреквентни податоци, при што дел од нив, односно податоците за индустријата и трговијата, сигнализираат подобрување на состојбата. Анкетните истражувања укажуваат на натамошно зголемување на довербата на економските субјекти, но со одредено забавувањена растот.

Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи сите економски показатели и случувањата во домашната економија, во контекст на поставеноста на монетарната политика, при што без загрозување на остварувањето на нејзината основна цел, ќе овозможува услови за натамошно засилување на поддршката на банкарскиот сектор кон економската активност во земјата.