Комората бара одлагање на крајниот рок за поднесување на извештаите за даночен биланс до 31 март и одлагање на рокот за поднесување на годишна сметка до Централниот регистар за дополнителни две недели, ако се земе предвид дека моменталниот рок е до 15-ти следниот месец за електронско и 29 февруари за хартиено поднесување.

„Да се променат законските рокови за поднесување на завршна сметка пред се, а ако се продолжат овие законски рокови, тоа автоматски значи дека ќе се продолжат и роковите за поднесок на даночните поднесоци кои се однесуваат и за трговските друштва и за трговците поединци и сметководствените вршители на дејност. Очигледно е дека го форсираме поднесувањето на тие извештаи и ние сме усвоиле еден екстремно краток рок“, изјави Благоја Грозданов – член на Управен одбор на Комора на сметководители.

За споредба, Грозданов ја предочи праксата во соседните држави, каде на пример во Бугарија и Србија извештаите се поднесуваат до 30 јуни, Хрватска до 30 Април, а во Франција и Шведска до 31 Јули.

Од Централниот регистар нАпоменуваат дека ќе вршат прием на годишни сметки и финансиски извештаи од 27 – 29 февруари, односно од четврток до сабота, а малите и микро субјекти кои нема да достават годишна сметка во хартиена форма во законскиот рок, ќе можат да ја поднесат електронски до 16 март.

Според Александра Андреева од Комората, пак, неопходно е уредување на целиот даночен систем за зголемување на ефиканоста и ефективноста во работењето. Дополнителен проблем за кој посочи дека се соочуваат сметководителите се неусогласените финансиски картици за даночен долг.

„Се случува нашите коминтенти да добијат опомена за неплатен долг, дури и решение за присилна наплата за долг кој според нашите евиденции воопшто и не постои, а за волја на вистината често не постои и на системот за Е-даноци. И додека да се реши проблемот, додека да најдеме од каде потекнува тој долг и на што се однесува, неретко средствата се и присилно наплатени за што се пресметува и еднократна такса во висина од 5 насто од утврдениот долг“, рече Александра Андреева – член на Управен одбор на Комора на извршители.

Според Комората на сметководители, ваквата неусогласеност го доведува во неизвесност реботењето и ликвидноста на компаниите и го повикуваат Министерството за финансии да инвестира во современ дигитален систем за надминување на состојбите.