„Дујунов“ моторите се електромотори за широкопојасна намена и нивна примена во сите движечки објекти низ целиот свет. Меѓународната компанија „Соларгруп“, во ноември минатата година отвори претставништво во Македонија со седиште во Скопје, по што се одржа и првата конференција и презентација во Македонија во хотелот „Холидеј Инн“, истакна Горан Настески од тимот на „Соларгруп“ од Охрид.

– На покана од нашиот тим, двајцата директори на компанијата, Павел Шадски, комерцијален и Павел Филипов, директор за односи со јавност, како и други претставници на компанијата беа гости во нашиот град, каде што се оствари средба со нашиот градоначалник, д-р Кирил Пецаков и првиот човек на Капетанија Горан Устијаноски. И на двете средби се разговараше за заштита на Охридското Езеро преку примена на Дујунов моторите, односно нивно вградување во пловните објекти. Стана збор и за можно отворање на погон за производство на електромотори во Охрид и нивно сервисирање, што се посочи како „одлична идеја за понатамошно реализирање“. Тие беа фасцинирани од убавините на Охрид и езерото, а веќе го имаме и првиот резултат. По препорака на директорот за односи Павел Филипов кој беше дел од тимот во Охрид, техничкиот директор Андреј Лобов пред една недела порача дека е подготвен пилот проект за монтажа на мотор на електричен погон на пловен објект на нашето езеро со сила од 9,8 кс и монтажа на соларни панели на истиот. Со тоа би го започнале и големиот проект за заштита на Охридското Езеро, порача Настески.

Фирмата „Соларгруп“ со седиште во Москва, Русија, е производител на електромотори за сите намени и нивна употреба во автомобилската индустрија, за сите пловни објекти, примена во индустријата и сите места каде што има потреба од нивна употреба, напомена Васко Попоски, национален претставник на „Соларгруп“ во Македонија.

– Како компанија сакаме да понудиме предлог план за замена на старите мотори на сите пловни објекти во Охридското Езеро со нови електромотори и со таа цел би се заштитило Охридското Езеро од загадување. Ја нудиме врвната технологија „Славјанка“ со нејзините сериозни еколошки придобивки, истакна Попоски.

По презентацијата се разви дискусија, која уште еднаш ја покажа важноста на заштитата на езерото и можностите за чиста енергија и стопанисување кои ги нудат производите на „Дујунов“.

Охридскиот екологист Лазо Наумоски зборуваше за важноста на заштитата на животната средина и Охридското Езеро, особено од аспектот на важноста на водните ресурси за Европа и нашето ЕУ интегрирање, а беа изнесени и корисни предлози за да се направи обид за етапна замена на моторите на чамците и глисерите во езерото. Се напомена дека е важно да се направи детална анализа за нивна замена, а се потенцираше и важноста за законски норми кои би ја опфатиле оваа регулатива, во насока на стимулација на корисниците да извршат замена, со што ќе заштедат и ќе ја заштитат животната средина.

Ѓоко Наумовски, сопственик на бродот „Армада“ ја поздрави идејата за менување на старите мотори со нови, електромотори, но истакна дека мора уште да се работи на развивање на технологијата, особено на моќноста на моторите.

– Станува збор за тешки бродови, за чие движење е потребно голема моќност. Ако на тоа се додадат и временските услови, силен ветер, струи и високи бранови, некогаш е потребна голема сила за да не се доведе во прашање безбедноста на патниците, напомена Наумовски.

Во пресрет на летото најавен е пилот проект, односно прилагодување на пловен објект со соларни панели и електромотор за да се направи конкрена проба и тестирање. Екипа од компанијата ќе дојде во Охрид за да се направи анализа за можностите за користење во овие производи во Охридското Езеро. Потоа ќе се изработи и комплетен елаборат и предлози за негово имплементирање.