Функционирањето во криза ќе доведе и до легализација на дивоградбите. Бесправно изградените објекти на компаниите ќе добијат решенија за легализација под услов да се постават фотоволтаици на кровните конструкции во рок од една година. Ова доаѓа по законските измени на Законот за градење донесен пред десетина дена, а раководителот на одделението за урбанизам при Општина Штип, Лазар Хаџи Николов, ги појаснува условите коишто истите ги опфаќаат. Ако по истекот на една година се утврди нема поставено фотонапонски панели, одобрението ќе биде поништено.

„За индустриски објекти коишто се бесправно изградени, а се со намена за лесна преработувачка и помалку загадувачка индустрија и се наоѓаат на земјиште кое согласно со урбанистичко – планската документација е предвидено со соодветната намена и на земјиште со регулиран правен статус, доколку ги исполнуваат стандардите согласно со дефинираниот урбанистички план за предвидената градежна парцела, може да поднесат барање за добивање на одобрение за градење. Условот е во рок од една година на своите кровови да постават фотонапонски панели“, истакна Хаџи Николов.

Владата ги поедностави и постапките за легалните стопански капацитети, кои може да постават сончеви централи со моќност до 40 киловати. Општината досега има издадено 30 дозволи за поставување фотовонапонски панели на кровните конструкции. Стопанственикот, Кирил Нашков, вели дека кон ова решение посегнуваат поради високите сметки за електрична енергија.

Цената на струјата ја постави и можноста за производство и продажба на струја како бизнис идеја. Голем број фирми ја зграпчија можноста за монтирање на фотонапонски централи, а Општина Штип досега има издадено 20 дозволи на приватни инвеститори за поставување на земјиште со полош квалитет, кои претежно се поставуваат во Чардаклија, Ново Село, Три чешми и Караорман. Најмалите се со моќност од 1 магават, а најголемата е со капацитет од 8 мегават часови.