Американските федерални обвинители заплениле имот од речиси 700 милиони долари од основачот на „Еф-ти-екс“, Сем Бенкмен-Фрид, главно во форма на акции на „Робинхуд“, се вели во судската пријава што ја објави „Ројтерс“.

Тој беше обвинет за кражба на милијарди долари од клиенти на берза за криптовалути, со цел да ги исплати долговите на неговиот хеџ фонд фокусиран на криптовалути.

Се изјасни за невин, а судењето е закажано дури за во октомври годинава.

Американското министерство за правда претходно го обелодени запленувањето на акциите на Робинхуд, а вчера достави комплетна листа на запленети средства, вклучувајќи готовина чувана во различни банки и средства депонирани на крипто берзата „Бајненс“.

Сопственоста на запленетите акции на „Робинхуд“, проценети на околу 525 милиони долари, беше предмет на спорови меѓу Сем Банкмен-Фрид и крипто фирмата „Блокфи“, која банкротираше.