Косовската царина потврди дека продолжува да важи забраната што ја воведе косовската влада за стоки од Србија, по „киднапирањето“ на тројца косовски полицајци „од српските сили“. Портпаролот на царината Адриатик Ставилеци за ГазетаЕкспрес изјави дека нема влез на српска стока во Косово, пренесува Коссев.

„Немаме српска стока што влегува во Косово“, рече Ставилеци. По воведувањето на оваа забрана се очекуваа ценовни промени, бидејќи од оваа земја се увезуваат голем број производи. Косовското Министерство за индустрија, претприемништво и трговија соопшти дека тоа не се случило. Во одговор на ГазетаЕкспрес, МИНТ соопшти дека инспекторите не забележале промени во цената што на каков било начин би биле поврзани со контролите на српската стока на „граничните премини“.

„Нашите инспектори при редовните контроли на терен не забележаа промена на цените, која на било кој начин би се однесувала на контрола на српска стока на граничните премини. Оттука, според податоците од терен, не гледаме никакво поскапување како резултат на зголемени контроли на граничните премини“, велат од министерството. На воведувањето на оваа мерка од страна на косовската влада се спротивстави американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар. ЕУ смета дека е неевропско да се запре слободното движење на стоки и луѓе, но исто така нема правна основа.