Доаѓаме во фаза кога треба да се седне на маса, но треба сите да седнат бидејќи во 2001 година седеле најголемите партии од двете, да кажеме етнички заедници, и меѓународното посредништво на ЕУ и на САД. Тоа значи, еднострано не можете да го смените, изјави премиерот Димитар Ковачевски во врска со примената на балансерот односно вработувањата во јавниот сектор врз основа на етничка припадност.
Одговарајќи на новинарски прашања, Ковачевски рече дека балансерот како автоматизирано електронско решение врз основа на Законот за рамноправна застапеност го вовела Владата на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и дека по Охридскиот договор „се направени исчекори во поголема застапеност на помалите заедници“, а тоа не се однесува само на Албанците.
-Јас имам свој личен став. Сметам дека етничка припадност не може да биде професија и дека професијата дефинира нешто сосема друго. Професија дефинира образование, вештини, искуство, однесување итн. И веројатно, ќе дојде момент којшто мислам дека е и веќе блиску кога ќе треба да разговараме за други критериуми во однос на унапредувањето на нашето општество, а пред сѐ тука мислам на професионализмот, унапредување на вештините и на едно исклучително високо ниво на професионално водење и управување со сите процеси во државата. Не мислам тука само на директорски места, туку мислам и на стручни места коишто ќе треба да бидат пополнување со најдобрите кандидати, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на Поликлиниката во Сарај.
Според него, во изминатите 23 години во државава е изградено мултиетничко општество – систем во кој, како што рече, „сите може да ја гледаат државата како место во кое може да сметаат на својот личен и професионален развој“.