Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, денеска во Белград на прес-конференција ја истакна заложбата и силната политичка волја на нашата Влада за зајакнување и продлабочување на добрососедските и пријателски односи со  Србија.
Ковачевски во Белград ја предводи владината делегација во која се министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за економија Крешник Бектеши, за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, за транспорт и врски Благој Бочварски како и заменик министерот за информатичко општество и јавна администрација Александар Бајдевски.
„Одличната соработка помеѓу двете држави носи квалитетни решенија во различни кризи, што за нас е голем стимул уште посилно да се вложуваме за стабилен и просперитетен Западен Балкан“, рече тој на прес-конференцијата.
Ковачевски потенцираше дека фокусот на Владите мора да остане Европската Унија, бидејќи земјите од Западен Балкан таму припаѓаат.
„Токму затоа изминативе години целосно сме посветени на обезбедување на четирите европски слободи на регионот на Западен Балкан – активно учествуваме во повеќе сериозни и суштински регионални иницијативи како Берлинскиот процес, со кои преземаме чекори за слободно движење на луѓе, производи, услуги и добра низ земјите од регионов. Токму затоа сме и иницијатори и активни чинители во иницијативата на Отворен Балкан која нашите граѓани отворено ја поздравија, а тоа за нас е огромна мотивација“, изјави шефот на македонската Влада.
Во рамки на официјалната посета беа потпишани неколку билатерални документи.
Првиот Меморандум за соработка е потпишан меѓу двете министерствата за внатрешни работи и се однесува на олеснување и забрзување на протокот на луѓе, возила и стоки на граничниот премин Табановце-Прешево. Вториот се донесува на вмрежување на системите за електронска наплата на патарините. Третиот се однесува на соработката во рударството и енергетиката, што значи размена на искуства и активности за развој на соработка и деловни односи во областа на рударството и енергијата.
Ковачвски рече дека преку овие иницијативи, преку ваквите соработки, „покажуваме дека сме просперитетен регион и дека фокусот на земјите од Западен Балкан е кон забрзување на европската интеграција и кон придонесување секоја од земјите што поскоро да стане членка на Европската Унија“.