Премиерот Димитар Ковачевски денеска потврди дека ниту еден вработен нема да остане без работа, а мерките што ги донеле како Влада, се однесуваат на намалување на трошоците и за фискална консолидација во државата.

– Мерките се однесуваат на намалување на трошоците и за фискална консолидација во државата, и исто така зголемување на приходите. Ниту јас, ниту кој било министер има кажано дека на некој вработен ќе му биде раскинат договор и дека ќе остане без работа, а тоа го потврди и министерката за труд и социјална политика, рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања, по отворањето на втората фабрика на американската компанија „Кемет Електроникс“ во ТИРЗ Скопје 1.

Ковачевски појасни дека намерата е менаџерите, директорите на јавните претпријатија, на трговските друштва во државна сопственост, како и на другите институции, да применуваат најдобри менаџмент практики со цел да ги намалат трошоците.

– Исто така, сите институции треба да видат кој е нивниот оптимален број на вработени, кој е тој оптимален обем на работа што го имаат во текот на денот, бидејќи да не заборавиме, ако ротираат вработените, и тоа веќе го прават приватните фирми, како и низ целиот свет, ако дел од работниците користат одмор во време кога е најскапа електричната енергија, ако ги ротираат вработените за да има работа од дома, тогаш ќе се намалат трошоците не само за вработените, туку и трошоците поврзани со работењето, како што е греење, осветлување, кажа Ковачевски.