Иако револтирани од скратеното работно време се закануваат дека ќе го редуцираат бројот на вработени, угостителите се во горниот дел на листата на понудувачи на работни места. Во моментов во тек се огласи за вработување на 291 келнер, што е четврта најбарана професија, 101 готвач и 100 шанкери.

Ковид-19 од корен ни го смени животот, но и начинот на работа. Една од промените е работа од дома, додека работодавците кои не можат така да го организираат работниот процес добија обврска да почитуваат протоколи за одржување на хигиената во работните простории, каде пак треба да се ангажирани редуциран број вработени.

Протоколот за превентивни мерки за сите работни места за спречување на пренесувањето на ковид-19 опфаќа и препораки и мерки за редовно чистење и дезинфекција на работната средина. Тоа последниве месеци ја зголеми побарувачката на хигиеничари.

Неделава на веб-страницата на Агенцијата за вработување редовно има по над 7.000 објавени огласи за вработување, од кои најголемиот дел се за хигиеничари. Во текот на вчерашниот ден се бараа вкупно 673 такви работници. Компаниите бараат 591 хигиеничар на производствени – работни простории, додека пак останатите 82 огласа се за хигиеничари за станбен и деловен простор. Главно огласите се за вработување на определено време од три месеци и за работен ангажман до 20 часови неделно. За тоа се нуди основна плата од 11.200 денари, додека пак за полно работно време минималната плата е 14.500 денари. Но, меѓу компаниите кои бараат хигиеничар има и таква која објавила основна плата за таа работа од 21.776 денари.

Меѓу најбараните занимања на второ место е продавач. Се бараат 526 продавачи, а на трето место е општ работник со понудени 522 работни места.

Иако револтирани од скратеното работно време поради ширењето на ковид-19 се закануваат дека ќе го редуцираат бројот на вработени, угостителите сепак се во врвот на листата на понудувачи на работни места. Во моментов во тек се огласи за вработување на 291 келнер, што е четврта најбарана професија, 101 готвач и 100 шанкери.

Има работа и за возачи на такси и на камиони, шивачи, градежни работници, магационери… но се барат и 139 програмери, над 100 административни службеници и стотина информатичари. И за нив основната плата најчесто е 15.000 денари за полно работно време.

Агенцијата за вработување сè уште не ја објави статистиката за изгубени работни места поради корона-кризата за октомври. Како што е познато, во периодот од 11 март кога во државата почнаа вонредните мерки, до крајот на септември без работа останале околу 15.000 лица. Тие овој месец добиваат шанса да се вратат на работните места зашто со новиот закон за финансиска помош за плати кој Собранието треба да го донесе деновиве, на компаниите им се дава можност да добијат пари ако ги вратат отпуштените работници.