Бројни бранши во Велика Британија по Брегзит итно бараат работници за да се избегнат тесните грла во снабдувањето со храна и бензин. Лондон нуди работни визи за илјадници стручни кадри.

Соочена со акутниот недостиг од работници, британската влада вонредно одобри издавање 10.500 работни визи за странски квалификувани работници. На тој начин во земјата треба да стигнат 5000 возачи на товарни возила и 5.500 квалификувани работници од други бранши, како за живинарската индустрија, соопшти Министерството за сообраќај во Лондон. Визите треба да бидат на располагање од октомври.

Со временски ограничените визи, дојдените работници ќе можат да работат до крајот на годината. Владата се надева со оваа мерка да успее пред Божик регалите во супермаркетите, кои сега на многу места се празни, повторно да се наполнат.

Во Велика Британија, според проценките, недостигаат околу 100.000 возачи на камиони, што има далекусежни последици за потрошувачите. Со недели одредени стоки тешко се добиваат, во регалите во супермаркетите зјаат дупки. Последниве денови дојде до криза и во снабдувањето со бензин на бројни бензински станици, многумина Британци со часови чекаа во колони и во паника ги полнеа резервоарите. И во други индустриски бранши е регистриран енормен дефицит од работна сила. Повеќе синџири на супермаркети предупредија дека пред Божик ќе недостигаат многу прехранбени производи.

Една од причините за тесните грла во снабдувањето со продукти се строгите правила за доселување по излезот на Велика Британија од ЕУ, што го отежнува пристапот на работна сила. Премиерот Борис Џонсон постојано повторуваше дека сака да ја оконча зависноста на земјата од странски работници. Но, со оглед на недостигот на бензин и проблемите во лиферувањето прехранбени производи, владата на Џонсон се најде под масивен притисок да преземе нешто. Покрај работните визи со ограничен рок, владата усвои и пакет мерки за зголемување на бројот на возачи на камиони со домашни работници. Тој предвидува дополнително ангажирање инструктори за возење заради обучување на возачи, како и испраќање понуди на возачи на товарни возила кои моментно не се занимаваат со професијата.