Кризата со недостигот на квалификувана работна сила го достигна својот врв во Германија, а речиси половина од германските компании се погодени од недостаток на стручњаци, соопшти денеска Институтот за економски истражувања Ifo од Минхен.
„Во јули, 49,7 отсто од анкетираните компании рекоа дека се погодени од недостиг на работна сила“, објави Институтот Ifo од Универзитетот во Минхен. Ова е најмногу од 2009 година, кога овој институт спроведува ваков вид на испитување.
Недостигот на работници, според информациите од претприемачите, ја намалува ефикасноста на фирмите и приходите.
„Сè повеќе компании мораат да го ограничат своето работење бидејќи едноставно немаат доволно персонал“, вели Стефан Зауер од Ifo. Според проценките на експертите, овој проблем може да се влоши на среден и долг рок.
Најголем недостиг на работници е забележан во услужната дејност, а погодени се дури 64 отсто од хотелиерството и угостителските компании. Слична е состојбата и во транспортот и превозот на стоки.
Владата неодамна најави промена на законот
Во секторот преработувачка индустрија најпогодена е прехранбената индустрија. Во градежниот сектор 39,3% од компаниите се жалат на недостиг од работници, а бројката би била поголема доколку градежните компании би можеле да работат со полн капацитет, што во моментов не е случај поради недостиг на материјали.
Традиционално, сè уште има недостиг од експерти во ИТ индустријата и во автомобилската индустрија, како и во здравството. Дополнителен проблем е недостигот на ученици во стручните училишта. Годишно меѓу 15 и 20 илјади места за стручна обука остануваат непополнети.
Германската влада неодамна најави промена во законот за имиграција, со која ќе се овозможи имиграција на млади луѓе кои се подготвени да изучуваат некои од дефицитарните занимања.
Социјалдемократско-зелено-либералната влада подготвува и измена на законот за азил, со која на младите чие барање за азил е одбиено или се во процес на чекање одговор ќе им се овозможи да останат во Германија во случај на успешна обука. Демохристијанската опозиција жестоко се спротивставува на оваа идеја бидејќи смета дека тоа ќе ја зголеми мотивацијата за илегална имиграција.