Кризна состојба во делот на енергетиката се очекува да биде прогласена утре. Одлуката ќе важи од 1 септември, а според најавите на надлежните, нема да има рестрикции на струја во зимскиот период доколку се се одвива според планираното. Од 1 септември стапуваат во сила и мерките за штедење на струја што ги донесе Владата, а кои ќе важат до 31 март следната година.

Министерот за економија Крешник Бектеши неодамна на прес-конференција рече дека не очекува да има рестрикции ако се оди според планот на Електростопанство на Северна Македонија. Како што соопшти се разговара и со министерствата за енергетика на Србија и Бугарија за да нема запирање на прекуграничните капацитети и проблеми со снабдувањето.

– Ако се оди според планот на ЕСМ, не очекуваме да има рестрикции. И, да не се случи некоја хаварија. Разговараме и со раководствата на министерствата во Србија и Бугарија за да нема запирање на прекуграничните капацитети како во 2009 година, за да нема проблем во делот на снабдувањето на потрошувачите на слободниот пазар, а тоа се поголемите компании кои прават трговија преку интерконекторите со соседите, рече Бектеши на заедничката прес-конференција со директорот на ЕСМ на која беа објавени мерките за штедење на електрична енергија.

Според генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, компанијата работи со максимален капацитет и потребите за струја на ЕВН хоум се задоволуваат исклучиво од сопствено производство.

Во планот за производство на АД ЕСМ се предвидува од ноември да профункционираат трите блока во РЕК Битола.

– Блок 3 во РЕК Битола е во застој заради изгорен трансформатор од надворешно влијание во текот на декември минатата година и јануари годинава. Во моментов постојниот трансформатор се наоѓа на сервисирање во Белград, а истовремено извршена е и јавна набавка за купување на нов трансформатор што не е направено 40 години од пуштањето во работа на РЕК Битола. Очекуваме на крајот на септември или на почетокот на октомври еден од трансформаторите да пристигне и на крајот на октомври да бидеме во полна капацитетност со РЕК Битола за да може еден од блоковите да влезе во краток ремонт, рече Ковачевски на неодамнешната прес-конференција во Владата.

Во функција ќе биде ставен и РЕК Осломеј кој се очекува да работи со полн капацитет во текот на грејната сезона.

– Токму затоа се вршат и дополнителни набавки на јаглен и за РЕК Осломеј за да може и овој важен капацитет за сигурноста и стабилноста на енергетскиот систем да работи во полна кондиција и со полно производство во текот на грејната сезона, рече Ковачевски.