Куба планира од почетокот на следната година да укине една од двете валути, информира вчера на државната телевизија претседателот на оваа карипска држава, Мигуел Дијаз-Канел, пренесе ДПА.

-Од 1 јануари во оптек ќе биде само една валута – пезос, најави претседателот, додавајќи дека обединувањето на валутата ќе создаде подобри услови за гарантирање еднакви можности и социјална правда за сите граѓани на Куба.

Курсот на валутата ќе биде 24 пезоси на еден американски долар.

Социјалистичката островска држава од 1994 година има систем на двојна валута. Покрај официјалната национална валута, во платежните трансакции, главно од странските туристи, се користи и конвертабилниот пезос и неговата вредност приближно е еквивалентна на американскиот долар.

Куба во јули го укина 10-процентиот данок за купување долари, што беше во сила од 2004 година, поради недостигот од приходи од туризмот за време на пандемијата на коронавирусот. Оттогаш, одредени производи во некои продавници можат да се плаќаат и со картичка во американска валута, додава ДПА.