Во наредните 2 месеца сопствениците на оранжериите можат да поднесуваат барања за купување на земјиштето на кое се наоѓаат објектите. Со овој повик треба да се реши проблемот на градинарите чии стакленици се во нивна сопственост, а се изградени на државно земјиште. Понудата важи и за помошните простории кој се наоѓаат во стопанските дворови …

Право на учество на јавниот повик имаат физички и правни лица кои во катастарот на недвижности се запишани како сопственици на оранжеријата и на помошните објекти во стопанскиот двор. Комисијата во Министерството за земјоделство во рок од 30 дена по повикот, доставува листа на понудувачи кои ги исполниле условите, а договорите ќе се склучуваат по добиената согласноста од Владата.

Купувачот е должен во период од најмалку 30 години земјиште да го користи за земјоделско производство без промена на неговата намена и промена на функционалната целина. Во спротивно договорот за продажба ќе биде раскинат, а парцелата вратена во сопственост на државата без надоместок.

Со овој јавен повик газдите на стаклениците ќе имаат можност да ја купат површината која е во државна сопственост и на која се наоѓа објектот. Проблемот настана пред неколку години кога инвеститорите ги купуваа оранжериите, но немаше можност да го купуваат и земјоделското земјиште кое остана да се користи под закуп.

Со стекнувањето на имотни листови градинарите ќе имаат можност за нови инвестиции во објектите и за подигнување на кредити за реновирање и модернизација.