Европската централна банка (ЕЦБ) е решена да ги намали каматните стапки за кус рок, објави нејзината претседателка Кристин Лагард.

Лагард рече дека ЕЦБ ќе ги следи цените на нафтата „многу внимателно“ поради зголемените стравувања од прелевање од конфликтот на Блискиот Исток. Сепак, по невидениот воздушен напад на Иран врз Израел во текот на викендот, таа рече дека реакцијата на цената на нафтата била „релативно умерена“, пишува SEEbiz.

Нејзините коментари доаѓаат веднаш откако централната банка го даде својот најјасен сигнал досега дека може да започне со намалување на каматните стапки на состанокот во јуни.

– Набљудуваме дезинфлациски процес кој се движи во согласност со нашите очекувања – рече Лагард на маргините на пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Таа додаде дека е неопходно да се изгради малку поголема доверба во процесот на дезинфлација.

– Ако се движи во согласност со нашите очекувања, ако немаме голем шок во развојот, одиме кон моментот кога ќе треба да ја олесниме рестриктивната монетарна политика – рече Лагард.

Таа повтори дека доколку не се развие дополнителен шок, време е да се олесни рестриктивната монетарна политика за разумно краток временски период.

ЕЦБ ги задржа каматните стапки на рекордно високо ниво на петти по ред состанок во четвртокот, но сигнализираше дека намалувањето на инфлацијата значи дека тие наскоро би можеле да почнат да се намалуваат.

За разлика од претходната изјава, ЕЦБ објави дека „би било соодветно“ да ја намали стапката на депозити од четири проценти доколку основните ценовни притисоци и влијанието на претходните зголемувања на каматните стапки доведат до уверување дека инфлацијата се враќа на целта од два проценти „на одржлив начин.“

Централната банка претходно во претходните соопштенија директно не спомна за олабавување на монетарната политика.

Запрашана дали намалувањето на каматните стапки во јуни може да биде придружено со последователни намалувања, Лагард одговори дека тие однапред не се обврзуваат на ниту една стапка.

– Постои огромна неизвесност. Мора да бидеме внимателни на овие случувања, мора да ги погледнеме податоците, од тие податоци мора да извлечеме заклучоци – изјави Лагард.

Таа одби да коментира дали трите намалувања на каматните стапки на ЕЦБ оваа година се разумно очекување за учесниците на пазарот.

Креаторите на политиката и економистите се фокусираа на јуни како месец во кој стапките би можеле да почнат да паѓаат, откако ЕЦБ ја намали својата среднорочна прогноза за инфлацијата. Оттогаш, растот на цените во еврозоната се олади повеќе од очекуваното во март.

На прашањето за довербата на централната банка во континуираниот пад на инфлацијата поради растот на цените на суровините, особено ако цената на нафтата се зголеми поради геополитичките тензии, Лагард одговори дека цените на сите суровини имаат влијание и дека е неопходно посебно внимание во однос на овие движења.

– Јасно е дека тоа има директен и брз ефект врз енергијата и храната – додаде Лагард.