Растот беше изненадувачки слаб во третиот квартал во новите пазарни економии како Кина, како и во еврозоната, изјави директорот на ММФ

Растот на светската економија можеби ослабе повеќе отколку што се очекуваше, главно поради трговските тензии ширум светот, изјави Кристин Лагард, извршен директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

“Последните економски податоци покажуваат дека контра-ефектите може да го забават повеќе отколку што очекувавме растот во глобалната економија”, рече Лагард, “растот беше изненадувачки слаб во третиот квартал во пазарите во развој, како што се Кина и еврозоната “.

Во октомври ММФ ја ревидираше кон намалување прогнозата за растот во 2018 и 2019 година до 3,7 отсто во однос на објавените порано 3,9 проценти, истакнувајќи ги ризиците кои почнаа да се материјализираат.

Денес Кристин Лагард нагласува дека недостатокот на договор за Bexit може дополнително да ја поткопа довербата.

Во извештајот-меморандум објавен исто така денес, пред самитот на Г-20 во Аргентина, ММФ истакнува дека на среднорочен план светскиот БДП може да се намали со 0,75 отсто поради зајакнувањето на трговските тензии.

Во октомври по повод годишните средби со Светската банка, Фондот најави дека светскиот БДП може да се намали за 0,8 отсто до 2020 година во однос на објавените во јули 0,5 отсто, токму поради трговските конфликти.

Денес ММФ повторно искажува загриженост околу трговската војна меѓу САД и Кина, изразувајќи жал поради меѓусебните царини за стоки во вредност од стотици милијарди долари.

Фондот додава дека ако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја исполни својата закана да воведе дополнителни давачки за кинески стоки во вредност од 267 милијарди долари, тоа може да ја поткопа довербата на финансиските пазари.

Советникот за економски прашања во Белата куќа Лери Кедлоу вчера изјави дека е можно за време на средбата на Г-20 да се постигне трговски договор со Пекинг.